Околу 10.000 Чеси се собраа вчера во Прага на протест против претседателот Милош Земан, барајќи Сенатот, горниот дом на чешкиот Парламент, против него да подигне обвинение за предавство.
Учесниците на протестот сметаат дека Земан, со неодамнешните коментари, застанал на страната на Русија кога станува збор за наводно учество на шпиони од таа земја во експлозија на магацин за муниција во Чешка во 2014 година, и предизвика сомнеж во извештаите на безбедносните и разузнувачките служби во врска со тој случај.
„Претседателот Земан, место поддршка на сопствената држава повторува исти приказни, како дезинформациски сервер. Престојот на Земан на местото претседател е закана за безбедноста на нашата држава“, изјави лидерот на движењето „Милион моменти за демократија“, Бенџамин Рол, на почетокот на митингот.
Инаку, ова движење е и организатор на собирот.
Сенатот веќе најави дека ќе ја разгледува можноста за обвинение против Земан.
Учесниците на протестот, кои носеа маски и ги почитуваа правилата за држење дистанца, се собраа на Плоштадот Вацлав Хавел во Прага, а собири се одржаа и во уште десет други градови во Чешка. Многу учесници на протестот носеа транспаренти со антируска содржина.
Земан во неделата рече дека постои можност експлозијата да била предизвикана од човечка грешка и ги повика властите да ја истражат и таа можност.
Да потсетиме, односите меѓу официјална Москва и официјална Прага се во сериозна криза. Десетина руски дипломати беа протерани веднаш откако чешките власти ја обвинија Русија за вмешаност во експлозија во магацин за муниција во селото Врбјетици на истокот од Чешка. Следниот ден, пак, Русија прогласи 20 вработени во чешката амбасада во Москва за „персона нон грата“, изјавувајќи дека обвиненијата се апсурдни и измислени.
Министерството за надворешни работи соопшти дека Прага, како руски одговор на непријателските акции го добила она за што чесите не сонуваче ниту во најлош сон.