Милоје Павловиќ, професор и директор на Машката гимназија во Крагуевац, на 21 октомври 1941 ја одби понудата на фашистичкиот окупатор на тогашна Југославија да му го спасат животот и застана во ред со своите ученици и заедно со нив загина.
„Пукајте, јас и сега држам час“, му беа последните зборови со кои замина во незаборав. Тој ја победи смртта и покажа дека може да се живее засекогаш.
На светов, генерално, постојат три типа на луѓе.
Едните, оние првите, како професорот Павловиќ на пример, се храбри, горди и достоинствени, кои секогаш јасно и гласно се борат за она што сметаат дека е исправно и чесно. Ним победата им е пред се’.
Другите се оние поинаквите. Молчаливите. Со срце колку зрно грашок. Кукавици и полтрони, кои секогаш ја наведнуваат главата пред „посилниот“, раководејќи се од онаа народната дека наведната глава сабја не сече.
И. оние третите… демек, правдољубивите… кои само за личен интерес мудруваат и исправаат „криви Дрини“. Кога ќе им паднат маските и кога ќе се разобличат кому и зошто му слугуваат, силно заглавени меѓу чеканот и наковалното, тие луѓе паѓаат на самото дно на општеството и почнуваат сите да ги одбегнуваат и навредуваат. Сето нивно дотогаш направено паѓа во вода и се’ може да им се претвори во најстрашен кошмар. Нивниот живот не е повеќе „на правиот пат“.
И додека првите низ животот мораат да се соочат со многу удари и падови пред да ја почувствуваат радоста од некој свој успех, на овие вториве и третиве, веројатно, единствена прилика за радост им се моментите на несреќа на оние првите… Трчаат по туѓата слика на среќата, а немаат храброст за својата. „Играат“ и со едни и со други, живеат без влакно да им фали. Скроија еден куп човечки судбини и уништија безброј човечки идеали, идеали да се биде чесен секогаш и секаде. Тој, чесниот и правдољубивиот, го убиваат. За него не оставаат место во ова „бојно поле“, наречено Македонија. Го умираат гладен и жеден за правда. Ним, што велат старите, таква им е семката… Преживуваат се и сешто. Како ендемски видови се. Ете, преживеаја сфаровски судиите. А, и обвинителите кои монтираа обвиненија. И пратениците-вратари и оние „силните“ кои фрлаа во ендеци луѓе кои не правеа нешто како што тие сакаа… Сите преживеаја и удобно живеат. Се чини, не е ни чудо. Големиот криминал најверојатно не е казнив во оваа држава.
Туку, пријатели, вие, вторите и третите, знаете што? Слушајте ме што ќе ви речам…
Никој не е и не може да биде добар во се. Идентификувајте ги своите способности и таленти и работете на тоа да ги развивате… Трудете се да сознаете до што ви дошло најмногу и што најмногу ве исполнува… Ако не сте сигурни што е тоа, прашајте ги своите најблиски, или пријателите, како тие ве гледаат… И што тие мислат за вашите вештини и таленти, кои можат да ви „одберат“ подобра работа, хоби или промена на кариерата.
Секој од нас има една или повеќе „ставки“ кои се на скалата на чинители на среќа далеку над другите, но нивниот распоред се разликува, понекогаш и драстичо. Исто така, тие ставки се формирани врз основа на многу работи. Кај вас, во сегашно време, најчесто ви се врз основа на социјалните мрежи каде што сите се обидувате да се прикажете во „најдоброто“ издание.
Сите сте демек млади, убави, весели и најчесто чесни до немајкаде, а во суштина сте извештачени и „испеглани“ со разноразни фото-филтери.
Почнете, бре, од малите работи, забележете го она што се случува, она што е тука. Ако не знаете што е тоа, компас може да ви биде благородноста, тука е местото на среќата. Не ја барајте среќата обидувајќи се да ја копирате туѓата, без оглед на тоа дали е вистинска или лажна… Погледнете длабоко во себе и пронајдете како вие најпријатно би се чувствувале. Препуштете се на тоа доживување и пуштете процесот да тргне. Одвојте време за разговор со себе, за размислување и опуштање… Тоа нека биде ваше место да ја повратите силата кога се ќе тргне наопаку, и кога се чувсвтвувате безволни и уморни.
До големите цели и соништа, знајте, не се стигнува толку лесно. Можеби и никогаш. Важно е вие непрекинато да се трудите, а патиштата сами ќе ви се отвараат. Соништата кои вие ги бркате можеби не се наменети за вас… Со време ќе ги заменат други соништа и други амбиции… Важно е секогаш да ги имате и да чуствувате потреба нешто да постигнете… Не робувајте на своите соништа… Секој ден направете нешто мало, но направете. Се’ што ќе направите како што треба и како што сте замислиле, а не како што замислиле други место вас, ќе го направат вашиот ден поубав.
Среќата е нешто без што не се може да се води нормален и урамнотежен живот. Човек без среќа во суштина е празен и неисполнет човек кој времето во својот живот го поминува баз каква било смисла и посебно значење.
Јас, додека е состојбата тука кај нас ваква каква што е, полна со „ѓубре и загадувачи“, ќе бидам напред за секоја иницијатива за „почиста и поздрава“ животна средина. Јас си го креирам животот по својата мерка и уживам во секој момент. Од обичен момент правам волшебство…
Се додека има „загадување“ насекаде околу нас, ќе се борам, ќе пишувам, ќе протестирам и ќе го штитам обичниот човек и ќе го барам она што му припаѓа нему како основно човеково право. А, работа на институциите е да сторат се што можат тие барања да се реализираат.
Мојата битка за правна држава не заврши.
Е, па, пријатели… пукајте, јас и сега држам час!