Повеќе ракети биле истрелани рано утринава на Меѓународниот аеродром во Кабул, но биле пресретнати од американски антиракетен систем, изјавил за Ројтерс неименуван американски офицер.
Според неговите зборови, истрелани биле пет проектили, но не прецизира дали американската војска сите ги соборила.
Офицерот кој сакал да остане анонимен, навел дека според прелиминарните извештаи нема загинати американски државјани, но, истакнал дека ситуацијата „може да се смени“.
Од Белата куќа соопштија дека американскиот претседател Џо Бајден бил информиран за ракетниот напад. Во соопштението се наведува дека советникот за национална безбедност го информирал претседателот за се што се случило, и за тоа дека операциите на аеродромот не се прекинати.
Соединетите Американски Држави се во завршна фаза на евакуација. Утре истекува завршната фаза на заминувањето на американските војници од Авганистан.
Американската амбасада во Кабул вчера, откако Џо Бајден изјави дека во наредните 24 до 36 часа ќе има нови напади на кабулскиот аеродром, повикувајќи се на специфична и веродостојна закана, ги повика граѓаните на САД да ја напуштат околината на аеродромот.