Апелационен суд Скопје денеска донесе одлука поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, да се врати, односно да се спроведе во куќен притвор од затворот „Скопје“.
Одлука е испратена до Основниот кривичен суд во Скопје и се очекува мерката да биде спроведена.
Вишото јавно обвинтелство Скопје денеска предложи да се прифати понудената гаранција на Рашковски, во висина од околу 500 илјади евра, за тој да излезе од притвор.
„Ве известуваме дека Вишото јавно обвинителство Скопје, по предметот оформен по поднесена жалба на обвинетиот Д.Р. со понудена гаранција, до Апелацискиот суд Скопје согласно законските надлежности достави писмен предлог со кој му се предлага на Судот да ја уважи жалбата на обвинетиот, да ја прифати понудената гаранција во висина од 30.686.215.00 денари и да ја замени мерката притвор со куќен притвор“, информираа од Обвинителството.
Против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, во моментов се водат две истраги, кои се однесуваат на спроведени тендери за набавка и за одржување на софтвер за сообраќајни прекршоци.