Повеќе од петстотини милиони тони стоки во фискалната 2021 година поминале низ Панамскиот канал, најмногу откако клучниот светски пловен пат почна да прима бродови.
„Во дванаесетмесечниот период, заклучно со септември, низ Панамскиот канал поминале 516.7 милиони тони разни стоки, за 8,7 отсто повеќе отколку во претходната фискална година“, извести директорот на Агенцијата за управување со каналот, Рикарте Васкез.
„Ова беше исклучителна година“, рече Васкез, истакнувајќи дека каналот првпат надминал 500 милиони тони.
Низ 80 километри долгиот канал кој ги поврзува Атланскиот и Тихиот океан за 12 месеци, од септември лани до септември годинава, минале околу 3,5 отсто од светската поморска трговија, во која доминираат житарките и нафтените деривати. За рекордот, објасни Васкез, заслужни се поголемите бродови кои превезуваат повеќе контејнери и наглото зголемување на обемот на транспорт на течен природен гас (LNG) во Азија.
Фискалната 2022 година која почна во овој месец треба да донесе нов рекорд, смета Васкез, проценувајќи дека до крајот на септември следната година низ каналот треба да поминат околу 535 милиони тони стоки.
(Фото: ЕПА)