Владата на Македонија и делегацијата на германското стопанство денеска информираа за рекордното зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
Согласно официјалните статистички податоци на Сојузното министерство за економија и климатска заштита на Германија, трговска размена помеѓу Германија и Македонија во 2021 година била во вредност од 4,7 милијарди евра.
Извозот од Македонија кон Германија лани година се зголемил за 24,8 отсто во споредба со 2020 година, додека увозот од Германија во Македонија се искачил од 1 милијарда евра на 1,2 милијарди евра, што претставува раст од 20,6 проценти.
Економската соработка со Германија е на исклучително високо ниво и традиционално оваа земја е прв трговски партнер на Македонија, со голем број на директни инвестиции на германски компании во нашата земја.
„Владата и во иднина ќе продолжи да создава амбиент за економски развој и напредок со цел двете земји да продолжат да ги унапредуваат деловните релации. Потенцијал за унапредување на односите и дополнително проширување на соработката има и во вложувања во енергетиката со фокус на обновливи извори, индустријата, заштитата на животната средина“, соопштуваат од македонската влада.