Русија ќе ги продолжи операциите во источен Алепо и ќе го спаси тој сириски град од терористи, изјави денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров при посетата на Турција.
Лавров, на заедничката конференција за новинари, после состанокот со турскиот колега Мевлут Чавушоглу во медитеранскиот град Аланиа, рече дека Русија ќе продолжи да вложува напори за да овозможи доставување на хуманитарна помош на Алепо, пренесува Ројтерс.
Рускиот министер истакна дека Москва и Дамаск не стојат зад воздушниот напад на северот на Сирија во кој загинаа четири турски војници.
„Со тоа немаат врска ни руските, ниту сириските воздухопловни сили“, истакна Лавров, а пренесе АФП.
Чавушоглу рече дека со Лавров се согласиле за потребата за примирје во Алепо и во останатите делови на Сирија, но напомена дека ставот на Турција за сирискиот претседател Башар ал Асад е јасен.
Русија е главен поддржувач на Асад, додека Турција ги поддржува бунтовниците кои се борат за да го тргнат од власт, наведува британската агенција, додавајќи дека бунтовниците се наоѓаат под опсада во источен Алепо после брзото напредување на сириските владини сили кое ги довело до работ на поразот.