Долниот дом на рускиот парламент денес ја ратификуваше спогодбата со Сирија со која се дозволува руската војска во таа земја да остане на неограничено време.
Думата оваа одлука ја донесе едногласно. Со неа се официјализира руското воено присуство во воздушната база Хемеими во сириската провинција Латакија.
Овој потег се гледа како знак на поддршка на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Според спогодбата, Русија може да ја користи базата колку што смета дека треба.
Русија се вклучи во воениот конфликт во Сирија на 30 септември 2015 година, со цел, како што наведуваат од Москва, да и помогне на сириската војска во борбата против тероризмот.
Агенцијата АП наведува дека со своето учество Русија допринела да се направи пресврт во текот на војната и им помогнала на силите на Асад да ги вратат клучните територии под своја контрола.
Русија, исто така, има и поморска база во сириското пристаниште Тартус.