„Речиси една година двајца обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги следеа двете криминални групи во полициската акција ‘Планина’, чии членови беа уапсени вчера во Грчец и Гази Баба. Собрани се доволно докази дека се занимавале со недозволена трговија со дрога, при што се користеше следење на комуникациите и тајно следење и снимање надвор од приватен имот. Наркобосовите на двете групи се во бегство“, изјави денеска на прес-конфренција шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, која информираше за текот на операцијата.
Во село Грчец биле извршени претреси на 26 локации и биле уапсени 13 лица, од кои за девет лица е определена мерка притвор, за три мерка куќен притвор и за едно лице мерки за претпазливост. Од оваа група пет лица се недостапни. Еден од приведените бил малолетник.
Во Гази Баба извршени се претреси на девет места, осум лица се приведени и се наоѓаат во притвор, а по едно лице се трага.
Рускоска наведе дека од двете групи се одземени повеќе од 80.000 евра, повеќе од 300.000 денари и петстотини франци.
Се уште не се спроведени вештачењата на одземените наркотични средства, посочи таа, па поради тоа не може да информира за точната количичина. Неофицијално, досега биле запленети над пет килограми марихуана и околу околу 600-700 грама кокаин.
„Најголемиот дел од парите и од запленетата наркотична дрога се пронајдени при претресите во Гази Баба, додека многу малку е пронајдено и одземено во Грчец. Имаме сознанија дека акцијата во село Грчец е пробиена“, рече Рускоска.
Таа истакна дека двете групи ќе се водат во два одделни случаи бидејќи немаат докази дека дејствувале заедно.