Селекторот на португалската фудбалска репрезентација Фернандо Сантош ги предупреди Кристијано Роналдо и неговите пријатели да не се опуштаат пред бараж финалниот натпревар против Македонија.
Нашите фудбалери приредија првокласна сензација елиминирајќи го европскиот првак Италија во мечот од првото коло од доигрувањето за одење на Светското првенство во Катар.
Португалците убедливо ги совладаа Турците, но на теренот не беше така лесно, бидејќи гостите промашија пенал при резултат 2:1, во 85. минута, а домаќинот ја потврди победата во четвртата минута од продолжението со голот на Луис.
„Мораме да покажеме иста почит кон Македонија како што би покажале кон Италија. Им кажав на играчите уште пред елиминацијата на Италија дека овие натпревари не се шега. Ова е како финале и се е можно“, изјави Сантос.
Селекторот на Португалците посочува дека на ваквите натпревари треба да им се пристапи фокусирано и концентрирано, како што заслужува овој меч.
„На тимот што оди во Италија и таму ќе го победи европскиот шампион не му треба никаква најава“, заврши Сантос.