Дождот кој паѓаше ноќва направи големи проблеми во Сараево. Освен што се поплавени улиците во главниот град на Босна и Херцеговина, многу населби се и под вода и без струја. Порталот „Кликс“ јавува дека заради обилните врнежи и излевањето на помалите реки и потоци, многу куќи се поплавени во многу места во Сараево и околината.
Најтешка е состојбата во населбата Отес, пишува „Кликс“. Речиси целата населба е поплавена, водата продре во дворовите, но и во домовите. Исто така, таму јавниот превоз не е во функција.
На терен се наоѓаат и пожарникари кои се обидуваат да помогнат со испумпување на водата, а како помош за населението донесуваат и чамци. Во овој момент целта е да се згрижат постарите лица и да им се достават потребната храна и лекови.
Водостојот на Миљацка кај мостот Чумурија во Сараево утринава околу 7 часот изнесуваше 208 сантиметри, па реката би можела да се излее од коритото во одделни делови на градот ако дождот продолжи да паѓа, а според прогнозите на метеоролозите, врнежите ќе траат до недела, пишува „Кликс“.