„ВМРО ДПМНЕ на митингот во Кочани доживеа дебакл, а тоа истото ќе им се случи и на 11 декември“, рече на прес конференција претседателот на Општинската организација на СДСМ Кочани, Сашко Костов.
Костов ги потсети политичките противници, за тоа дека пред почетокот на митингот младите им испратиле јасна порака ним и на нивниот лидер Груевски дека тој не е достоен и не заслужува повеќе да биде присутен во ниту еден град во Македонија.
„Овој пат пораката ви беше испратена од Истокот, каде младината на Чешиново-Облешево ве пречека со транспаренти кои носеа јасна порака дека тука не сте добредојден“, истакна Костов.
Првиот човек на социјалдемократите во Кочани и кандидат за пратеник од коалицијата „За живот во Македонија“, Сашко Костов, го обвини Груевски дека десет години манипулирал со оризопроизводителите.
„Имавте шанса цели 10 години Кочани да го направите рај на белото злато. Но, тоа не го сторивте. Сега доцна е Никола. Луѓето ги препознаваат вашите блеф ветувања. Нема ниту О од „остварувањата“. Вашето „реално“ стана големо нереално општество, општество исполнето со многу лаги, манипулации и криминал“, рече Костов.
На прес конференцијата Костов, меѓу другото, се осврна и на, како што спомена, фактичката состојба во Источна Македонија.
„Господине Груевски ние не сме Халкидики, ние сме празната Источна Македонија. Илјадници луѓе од Источна Македонија лутаат надвор од границите, а за било каква работа тука е потребна ваша партиска книшка, а не знаење. Младите, господине Груевски сакаат промени и тие промени реално ќе дојдат на 11 декември, рече Сашко Костов.