Дали руските вооружени сили се подготвуваат за војна во Украина? Американскиот претседател Џо Бајден секако очекува некаква воена акција. Русија сака Западот да вети дека Украина нема да се приклучи на нејзиниот одбранбен НАТО сојуз и дека тоа нема да се случи иако двете страни преговараат. Следните настани би можеле да ја загрозат целата европска безбедносна структура, пишува Би-Би-Си.
Русија негира дека планира каква било инвазија, но пред осум години зазеде украинска територија и, се проценува, има околу 100.000 војници распоредени во непосредна близина на границата. Кремљ долго време се спротивставува на приближувањето на Украина со европските институции, посебено на нејзините настојувања за членство во Алијансата.
Украина ги дели границите и со Европската унија и со Русија, но како поранешна советска република има длабоки социјални и културни врски со Русија и рускиот јазик е широко распространет меѓу нејзиното население.
Кога Украинците на почетокот на 2014 година го соборија тогашниот проруски претседател, Русија го анектираше украинскиот јужен полуостров Крим и ги поддржа сепаратистите кои зазедоа големи делови од источна Украина. Бунтовниците од тогаш се борат против украинската армија во конфликт кој досега однесе повеќе од 14.000 животи.
Русија тврди дека нема планови да ја нападне Украина, а командантот на руските вооружени сили, Валериј Герасимов, ги осуди извештаите за претстојната инвазија како лага. Но, тензиите се високи и рускиот претседател Владимир Путин се закани со „соодветни воено-технички мерки“ ако продолжи она што тој го нарекува, агресивниот пристап на Западот.
Генералниот секретар на НАТО предупредува дека ризикот од конфликт е реален, а американскиот претседател Бајден вели дека неговата претпоставка е дека Русија ќе тргне во акција. Американците тврдат дека знаат за руските планови за јакнење своите трупи во близина на Украина „во многу краток рок“. Америка вели дека Русија не понудила никакво објаснување за војниците стационирани во непосредна близина на границата со Украина. Руските трупи и тенкови се упатија во Белорусија, на вежби.
Заменикот на рускиот министер за надворешни работи ја спореди сегашната состојба со кубанската ракетна криза од 1962 година, кога Америка и СССР се приближија до нуклеарен конфликт. Западните разузнувачки служби сугерираа дека рускиот упад или инвазија би можел да се случи на почетокот на 2022 година.
Русија зборуваше за „моментот на вистината“ во преобликувањето на својот однос кон западната воена Алијанса.
„За нас е апсолутно задолжително да се осигураме дека Украина никогаш, ама баш никогаш нема да стане членка на НАТО“, рече заменик-министерот за надворешни работи, Сергеј Рјабков.
Москва ги обвинува земјите од НАТО дека ја „пумпаат“ Украина со оружје и дека Америка ја поттикнува напнатоста. Претседателот Путин се пожали дека Русија „нема каде повеќе да се повлекува“ и праша: „Мислат ли дека само ќе седиме со скрстени раце и немо ќе гледаме што се случува?“
Русија впрочем сака НАТО да се врати на границите од пред 1997 година и да се запре неговото проширување на исток и прекин на воените активности на Алијансата во Источна Европа. Тоа би значело дека борбените единици ќе се повлечат од Полска и од балтичките републики Естонија, Летонија и Литванија и дека во земји како Полска и Романија нема да бидат распоредени проектили. Патем, има предлог и за да се направи спогодба меѓу Русија, од една, и Америка, од друга страна, со која ќе се забрани распоредување на нуклеарно оружје надвор од нивните национални територии.
Русија го завзеде Крим во 2014 година, тврдејќи дека има историско право на тој полуостров. Украина беше дел од Советскиот Сојуз, кој се распадна во декември 1991 година, а Путин рече дека се работело за „распад на историска Русија“.
Клучот за размислувањето на претседателот Путин за Украина се појави во подолг текст, минатата година, кога Русите и Украинците ги нарече „една нација“. Тој тогаш истакна дека денешните украински лидери водат „антируски проект“.
Русија, исто така, стана фрустрирана што мировната спогодна од Минск за источна Украина од 2015 година е далеку од реализација.
Сè уште нема договор за независно набљудувани избори во сепаратистичките украински региони. Русија ги негира обвинувањата дека е дел од долгогодишниот конфликт.
Путин разговараше неколку пати со Бајден и разговорите на високо ниво продолжуваат, но руските власти предупредија дека отфрлањето на нивните клучни барања од Западот води во „ќорсокак“.
Прашање е до каде ќе оди Русија. Бајден предупреди дека инвазија во полн размер ќе биде катастрофа за Русија. Но, ако се работи за мал упад, тој контроверзно рече дека Западот „на крајот ќе мора да се договори што да прави“.
Белата куќа нагласи дека секое преминување на украинската граница претставува продолжение на инвазијата, но истакна дека Русија има и други оружја, вклучувајќи сајбер-напади и паравоени тактики.
Пентагон ја обвини Русија дека подготвува таканаречена операција со исцениран напад, со оперативци подготвени да извршат саботажи против бунтовниците кои ги поддржува Русија, со цел да се обезбеди оправданост за влезот на туѓата територија. Русија тоа веднаш го демантираше.
Во подрачјата што се под контрола на сепаратистите руските власти поделија 500.000 пасоши, па ако не го добијат она што го сакаат, тогаш секоја акција би можеле да ја оправдаат како заштита на сопствените граѓани.
Меѓутоа, ако единствената цел на Русија е да го принуди НАТО да се оддалечи од нејзиниот двор, нема знаци дека во тоа ќе успее. Триесетте членки на НАТО отфрлија секој обид да им ги врзат рацете за во иднина.
„Нема никому да му дозволиме да ја затвори политиката на отворени врати на НАТО“, изјави заменик-државниот секретар на САД, Венди Шерман. Украина бара јасна временска рамка за приклучување, а НАТО вели дека Русија „нема право на вето и не може да се меша во тој процес“.
И Шведска и Финска, кои не се членки на НАТО, исто така го отфрлија обидот на Русија да ги запре во јакнењето на своите врски со сојузот.
„Нема да го препуштиме својот маневарски простор“, рече финскиот премиер.
Америка јасно стави до знаење дека не планира да испрати борбени трупи во самата Украина, но е посветена на тоа да и помогне на таа земја во одбраната на нејзината суверена територија.
Пентагон стави во приправност 8.500 војници, кои за мошне краток рок би можеле да бидат распоредени во земјите на НАТО во Источна Европа. Се чини дека главното оружје во арсеналот на Западот се санкциите и воената помош во форма на советници и оружје.
Бајден му се закани на рускиот лидер со мерки „какви што никогаш не видел“ доколку Украина биде нападната.
Завршниот економски удар би бил одвојување на рускиот банкарски систем од меѓународниот платен систем Свифт. Ова отсекогаш се сметало за последно средство, а постои загриженост дека може лошо да влијае на американската и европската економија. Претседателот Бајден, исто така, предупреди дека ќе размисли за лични санкции против Владимир Путин ако Русија по кој било основ ја нападне Украина.
Друга клучна закана е да се спречи отворањето на рускиот гасовод „Северен тек 2“ во Германија, а за одобрување на гасоводот во моментов одлучува германското регулаторно тело за енергетика.
Американскиот претседател вели дека има „целосно едногласност“ со европските лидери околу Украина, но дека постојат поделби меѓу Америка и Европа. Европските лидери се непоколебливи во тоа дека за иднината на светот не можат да одлучуваат само Америка и Русија. Франција дури предложи Европската унија да соработува со НАТО, но потоа Унијата да води сопствен дијалог со Русија.
Украинскиот претседател сака меѓународен самит за решавање на конфликтот, вклучувајќи ги и Франција и Германија, заедно со Русија.