СДСМ најостро ги осудува пораките, говорот на омраза и навредите кон докторите, медицинскиот персонал, но и новинарите и адвокатите, на протестите во неделата.
„Докторите и медицинскиот персонал се нашите херои кои заслужуваат длабока почит и благодарност, бидејќи тие неуморно се на првите линии во одбрана од корона вирусот“, се вели во денешното партиско соопштение од владеачката партија.
Правото на протест е уставно загарантирано, но исто такво е и правото н а здравје, сметаат социјалдемократите.
„Пораките од протестите, иконографијата идентична со опозициските митинзи, нападите против актуелни министри, покажуваат дека зад овие протести стојат ВМРО-ДПМНЕ и Левица, помогнати од движењето Бојкотирам. Токму ВМРО-ДПМНЕ и Левица силно се спротивставуваа на новите мерки за заштита на здравјето и за цело време од пандемијата дејствуваат спротивно од препораките, отворено поттикнувајќи непочитување на мерките. Дезинформациите и деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои одвраќаат од вакцинација се на директна штета на сопственото, но и колективното здравје“, истакнуваат од СДСМ.
Нападите од срамниот протест се, велат, директно загрозување на здравјето на граѓаните во време кога сите напори се насочени кон што поголем опфат на вакцинација.
„Масовната вакцинација е единствениот начин да се заштитиме себеси и оние околу нас. Ги повикуваме граѓаните кои досега не се вакцинирале да го сторат тоа што поскоро. Недвосмислена потврда за ефикасноста на вакцините е фактот што дури 90% од новозаразените последната недела се невакцинирани и исто толкав процент од хоспитализираните“, стои, меѓу другото, во соопштението на СДСМ.
Од исклучителна важност е, сметаат социјалдемократите, почитувањето на новите мерки за заштита на здравјето. Во многу држави, напоменуваат, се бара ковид сертификат за влез во различни објекти и на настани и тоа не е дискриминација, туку одговорност и заштита на колективното здравје.
„Да бидеме одговорни кон себе и кон другите, да придонесеме во борбата која е заедничка за целиот свет“, заклучуваат од СДСМ.