Социјадемократскиот сојуз на Македонија уште во првите шест месеци од формирањето на новата влада ќе се посвети на борбата против огромната сиромаштија, се наведува во соопштение што партијата го лиферуваше до медиумите.
За никогаш повеќе да нe се повторат сликите на премрзнати граѓани во студени домови, најзагрозените семејства ќе добиваат енергетски ваучери. Со енергетските ваучери, овие семејства ќе можат да ги плаќаат сметките за електрична и топлинска енергија. Енергетскиот ваучер значи дека државата покрива дел од трошоците за струја и затоплување, за природен гас или за огревни дрва. Ваучерите ќе бидат достапни за граѓаните кои ќе бидат опфатени со новиот Закон за енергетска сиромаштија, се вели во соопштението.
Од партијата најавуваат и поедноставување на процедурите за стекнување право за користење на оваа мерка.
Енергетските ваучери се меѓу приоритетните мерки во Планот за живот за првите шест месеци од мандатот, со коишто обезбедуваме достоинствен и квалитетен живот за сите. Поради нискиот животен стандард и високите цени на огревното дрво и електричната енергија, илјадници граѓани оваа зима едвај ги преживуваат зимските денови. Недозволиво е во 21-иот век да умираат луѓе поради студ, или бебиња да се раѓаат и да живеат во темни домови. Македонија е социјална држава според Уставот и државата е должна да се грижи за сите граѓани, стои во соопштението од СДСМ.