Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја осуди изјавата на градоначалникот на Дебар, Ружди Лата.
Изјавата на Лата, според СДСМ, оди во прилог на поттикнувачите на поделби и нетрпеливост.
„Ја осудуваме провокативната реторика во изјавата на градоначалникот на општина Дебар, Ружди Лата, која не е во духот на заедништвото, интеграцијата и меѓусебното почитување на граѓаните. Избраните и именуваните функционери мора да бидат свесни за одговорноста што ја имаат пред Уставот, законите и граѓаните на Република Македонија. И Лата, како и сите други носители на државни функции, мора да работат единствено во интерес на граѓаните и секоја изјава, секој искажан збор и секое направено дело мора да биде исклучиво во интерес на граѓаните, што не е случај со последната изјава на Лата“, се вели со соопштението на СДСМ и притоа се потсетува дека ваквите настапи одат во прилог само на оние кои креираат поделби и работат на поттикнување раздор и нетрпеливост.
Со осуда на изјавата на градоначалникот Лата се огласи и ВМРО-ДПМНЕ.
Изјавата, за оваа партија, не е во духот на соживотот и длабоко го поткопува темелот на државноста и уставното уредување. Ваквите националистички и ретроградни изјави кои зачестија во последниот период се предизвикани директно од антидржавното дејствување.
Градоначалникот на Дебар, Тужди Лата, за локалната Арт телевизија изјави дека „единствената надеж за иднината на Дебар е патот на Арбер. Ние ќе заборавиме на другите, крвта и душата ни се во Тирана. Ние имаме во Тирана многу луѓе, само еден податок ќе ви спомнам, во Тирана има 150 доктори на науки од Дебар и Дебар полека станува населба на Тирана“.