Претседателката на Комисијата за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска се сретна со социјални работници
На средбата, информираат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, било констаирано дека е неопходно да се создадат услови за функционирање на социјалните работници преку промени во системот на социјална заштита.
„Сметаме дека е важно да се консултираме со вас и очекуваме од вас будно да ги следите политиките коишто ќе ги имплементира Министерството за труд и социјална политика, да бидете коректор, но и партнер во имплементацијата на сите политики коишто се однесуваат на социјалните работници“, истакнала Царовска на средбата.
Таа најавила дека новата Влада во социјалните политки ќе се води по успешни европски модели, а како пример било посочено воведувањето семеен социјален работник кој ќе им помага на семејствата и граѓаните во справувањето со проблеми коишто не можат самите да ги решат.
„Една од клучните мерки што веднаш ќе ги спроведе новата Влада е мерката семеен социјален работник. Изминативе години се направи обид да се пилотира ваков проект, но тоа не се направи системски, не постоеше никаков протокол на соработка помеѓу Владата и центрите за социјална работа. Ќе креираме социјален работник кој ќе биде вистински активен на терен. Toј самиот ќе има право да интервенира во системот семејство“, им ветила Царовска на социјалните работници.
На крајот било заклучено дека неопходно е да се овозможат сите потребни услови од сите институции за брзо формирање на новата Влада, затоа што постоело добра клима за соработка, консултација и комуникација на сите засегнати страни, со цел да се отпочнат промените во социјалните политики. Тие, констатирале сите присутни, ќе придонесат кон создавање стабилен систем на социјална зашитита и квалитетни услови за работа на социјалните работнции во Македонија.