Северна Кореја уште еднаш пријави нула случаи на заразени со Ковид-19 по тестирање на 711 лица, се наведува во најновиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО).
Според извештајот на СЗО од 18 до 24 јуни биле тестирани 711 лица со симптоми слични на грип или тешки акутни респираторни инфекции, но кај нив не е потврден коронавирусот.
Извештајот, уследи неколку дена откако севернокорејските државни медиуми објавија дека лидерот Ким Џонг-ун одржал итен состанок на Политбирото како одговор на „сериозен“ инцидент поврзан со напорите за спречување на пандемијата во државата.
По состанокот, беше соопштено дека одговорните биле казнети.
Државните медиуми на Северна Кореја не прецизираат каков „сериозен“ инцидент бил причина за минатонеделниот состанок на Политбирото.