Бројот на нови случаи со инфекција со корона вирус во Португалија е зголемен за 2.362 во последните 24 часа, додека властите се обидуваат да го запрат ширењето на епидемијата после појавата на видот „делта“.
Бројот на нови случаи на дневно ниво е еднаков на состојбата од фебруари годинава, кога државата беше блокирана.
Здравствените лица предупредуваат дека појавата на „делта“ е основна причина за влошување на епидемиолошката состојба во Португалија. Овој вид е регистриран кај повеќе од половината случаи во земјата.
Португалија до сега во целост вакцинираше околу 31 отсто од својата популација. Од почетокот на пандемијата таму се регистрирани 879.557 заразени, додека 17.096 починаа од последици од вирусот. Повеќето случаи се во Лисабон.
Растот на бројот на нови случаи инфицирани со ковид-19 следи откако од средината на мај државата ги отвори границите за туристи од Европската унија и Велика Британија. Многу фирми повторно почнаа со нормална работа, а од почетокот на летната сезона плажите се полни.
Велика Британија од почетокот на јуни ја тргна Португалија од листата на земји кои не бараат карантин, а Германија минатата недела ја прогласи за „зона во која е регистриран новиот ‘делта’ вид“, што го загрозува туризмот.
Британците мораат во карантин
Португалија соопшти дека британските посетители мораат во карантин на 14 дена, ако не се во потполност вакцинирани. Лица помлади од 18 години кои патуваат во Португалија со родители или старатели кои се целосно вакцинирани се исклучени од карантин.
Властите ја забрзуваат вакцинацијата и воведоа нови рестрикции во неколку општини, вклучувајќи го и подрачјето на Лисабон, од каде што „делта“ видот се прошири во другите делови на земјата.