МВР поднесе кривична пријава против еден од напаѓачите на екипата на „А1 он“ на протестот на иницијативата „За заедничка Македонија“. Ова го соопшти министерот, Агим Нихиу, по денешната средба со претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, во Клубот на новинари.
„Никој не е над законот, секој еден ден ќе понесе одговорност. Ние мора да ги почитуваме уставните вредности , државните и демократските институции“, изјави Нухиу.
Тој додаде дека СВР Скопје во наредните денови ќе поднесе кривична пријава и против други лица кои се осомничени во случајот.
На прес-конференцијата присуствуваа и нападнатиот новинар Александар Тодески и снимателот Влатко Желчески. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, нагласи дека „ова е првпат МВР да застане во одбрана на новинарите и на ЗНМ и ова е првиот случај во кој за кратко време се идентификува напаѓач на новинар“.
„Сакаме да се испрати порака дека секој што ќе нападне новинар, ќе биде казнет“, рече Селмани, кој очекува Обвинителството исто така брзо да го процесира случајот по поднесената пријава од СВР Скопје.
Селмани на Нухиу му дал листа со постари нерешени напади на новинари. Од него очекува, како што рече, да се информира поединечно до каде е со постапката и да се заложи конечно да се забрзаат и да се решат. Се договориле и да изготви посебен регистар на напаѓачи на новинари.
Новинар и снимател на интернет-порталот „А1 он“ беа нападнати на протест на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ во близина на „Порта Македонија“. Две лица со боксови и клоци ги нападнале од зад грб. Од силината на ударите снимателот се онесвестил, а новинарот се здоби со сериозни повреди.
По извршениот преглед на видеоматеријалот од безбедносните камери на ГТЦ – Скопје и извршената споредба со претходно објавена слика на интернет-порталите со фотографија од евиденциите на МВР, потврдено е дека станува збор за М.К. од Скопје, познат сторител на имотни деликти и нарушител на јавниот ред и мир.