Сирија денеска ги демантираше обвинувањата на западните држави дека користи хемиско оружје и таквите тврдења ги оцени како „кампања на лаги“.
„Големиот број обвиненија, создадени во западните кругови, без ниту еден доказ, за да се префрли одговорноста на сириската влада дека употребува отровни хемиски супстанци, се дел од координирана кампања на лаги, која се повторува, изјави сирискиот заменик министер за надворешни работи Фасаил Макдад во Хаг, на конференција на земјите потписнички на Конвенцијата за хемиско оружје.
И владата на сирискиот претседател Башар ал Асад и Исламска држава се обвинети дека употребуваат недозволено хемиско оружје.
На Конференцијата во Хаг беше истакнато дека истрагата на Обединетите нации и Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPWC) утврди дека сириската влада во три случаи употребила гас хлорин, а припадниците на ИД се одговорни за користење на отровниот гас иперит.
Од почетокот на судирите во Сирија во 2011 година загинаа над 300.000 луѓе.