Во околината на Сиракуза на Сицилија вчера беше измерена температура од 48,8 степени Целзиусови и тоа е, како што се наведува, највисока забележана температура во Европа откако постојат метеоролошки мерења.
Миланскиот весник „Коријера дела Сера“ објави податоци за мерењата на Агрометеоролошкиот информативен сервис на Сицилија во кои се наведува дека вчера во 14 часот во градот Флоридија, во покраината Сиракуза, е измерена рекордна температура на воздухот од 48,8 степени Целзиусови.
Досегашниот официјален рекорд го држеше Атина каде што во 1977 година беа измерени 48 степени, но во септември 1999 година на Сицилија беа измерени 48,5 степени, меѓутоа ова мерење не е официјално потврдено како рекордно.
Ниту рекордот на Флоридија уште не е официјално потврден, затоа што мораат да го направат експерти од Светската метеоролошка организација.
Флоридија и внатрешноста на покраината Сиракуза имаа специфична положба која дополнително ја подигнува температурата.
Само десетина километри од Флоридија температурите се и до 10-12 степени пониски, а експертите тоа го објаснуваат дека на многу високите температури на Сицилија, во централна и јужна Италија, а понекогаш и на север, влијае воздушната струја која стигнува од Сахара.
(Фото: АП)