Американски конгресмен во саботата објави скандалозна фотографија на која тој и неговото семејство позираат вооружени со автоматски пушки околу новогодишна елка, само неколку дена по пукањето во средно училиште во Мичиген и убиството на четворица тинејџери.
„Среќен Божиќ! П.С. Дедо Мраз, донеси ни муниција“, напиша на Твитер републиканскиот конгресмен Томас Меси од Кентаки покрај објавената фотографија.
Итан Крамбли (15) во вторникот застрела четворица средношколци во Оксфорд, мал град во Мичиген. Повредени се уште шест ученици и еден наставник, а настанот повторно ги разгоре жестоките дебати за безбедноста на училиштето, контролата на оружјето и правото на поседување оружје.
Неговите родители, Џејмс и Џенифер Крамбли, беа уапсени откако истражителите во петокот поднесоа тужба против нив за убиство од небрежност.
Родителите беа уапсени по неколкучасовна потрага по нив. Се изјаснија дека се невини по четири точки од обвинението, а обвинителот одреди кауција од 500.000 долари за секоја.
Тие неодамна на својот син му купиле оружје за божиќен подарок и ги игнорирале знаците дека може да следи масакр. Итан потоа објави фотографии од пиштолот на социјалните мрежи, пишувајќи: „Само што добив нова убавица“.
Меси, пак, објави фотографија на која тој и уште шестмина држат митралез сличен на М60, полуавтоматска пушка АР-15 и митралез Томпсон.
Според американските закони, оружјето како митралезот е ограничено на војската, полицијата и цивилите кои добиле посебни дозволи за оружје произведено пред мај 1986 година, според Ројтерс. Менаџерот на кампањата Меси Џонатан ван Норман не одговори на барањето за коментар. Најавата, меѓу другите, ја осуди и демократскиот конгресмен од Кентаки, Џон Јармут.