Во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје, денеска пристигна пратка со заштитна опрема за борба против КОВИД-19, донација од Словенија за Македонија.
Станува збор за 45.000 парчиња трослојни медицински маски и 100.000 парчиња маски од типот KN95, со вкупна вредност од 113.500 евра.
„Нашата држава на овој начин одговори на барањето на Владата на Република Северна Македонија за меѓународна помош за контролирање на ширењето на коронавирусот, упатена до Европската унија, до Центарот за координација на итни случаи (ERCC), соопштија денеска од Амбасадата на Словенија во Скопје.
Ова е втора донација од Словенија за Македонија. Првата беше во април 2020 година, исто така во заштитна опрема.
Пратката ја предаде амбасадорот Милан Предан, а ја прими Зулфиќар Зејнулаи, заменик директор на Дирекцијата за заштита и спасување, кој и се заблагодари на словенечката влада за помошта и солидарноста.
Заштитната опрема на предлог на Министерството за здравство ќе се раздели на повеќе болници во државата.