Рестораните во Словенија од денес можат повторно да примаат гости на отворено од 7 до 19 часот, затоа што ограничувањата заради ковид-19 за угостителите дополнително се олеснети, а тие порачуваат дека условите треба да се преиспитаат.
СТА пренесува дека во три регии, Крашка, Горишка и Помурска, кои имаат „жолт“ статус заради подобрата епидемиолошка состојба од другите девет, е дозволена работата на угостителите во затворен простор за гости кои имаат доказ дека не се заразени со корона вирус.
Намалувањето на ограничувањата следеше после апелот на фирмите за побрзо темпо за повторно отварање, а угостителите се многу критични кон условите кои се однесуваат на работата во затворен простор.
За да влезе во бар или ресторан, гостинот мора да приложи негативен тест или да докаже дека е вакциниран или заздравен од ковид, што организациите како Комората за мали претпријатија и Синдикатот за угостителство и туризам ги сметаат за нереални барања.
Од Синдикатот наведуваат дека предвиденото растојание од три метри меѓу масите и одалеченоста од 1,5 метри меѓу гостите е подеднакво нереално и апсурдно решение, а од експертите и Националниот институт за јавно здравје се бара да ги преиспитаат овие услови за отварање на угостителскиот сектор, како тие би биле пореални и поприфатливи.
Владата го одобри најновото олабавување на мерките на почетокот на неделата, а земјата вчера од црвено премина во портокалово ниво, а како резултат на тоа укинато е ограничувањето на движењето меѓу региите, повторно се отворени кината и театрите, додека присуството на јавните собири е намалено од 100 на 10 луѓе.
(Фото: АП)