Шест купувачи и околу 20 вработени во стоковната куќа „ИКЕА“ во Данска, завршиле на неочекувана „пижама парти“, кога поради силна снежна бура останале заробени во продавницата, пишува Дејли мејл.
Над 30 сантиметри снег падна на градот Алборг на северот на земјата за многу кратко време, што го блокираше целиот град и го оневозможи враќањето на луѓето во своите домови. За да не мора да го пробиваат снегот, „ИКЕА“ им дозволи на своите клиенти и вработени да преноќат во продавницата и удобно да се сместат во нивниот убаво дизајниран изложбен салон.
„Спиевме на првиот кат каде што беа изложени креветите, душеците и каучите“, изјави менаџерот на продавницата, Питер Елмроуз.
Тој, исто така, рече дека на клиентите им дале избор на кревет што можеби имаат намера да го купат и да го тестираат со спиење на него преку ноќ.
Пред спиење, вечерале заедно, играле друштвени игри и гледале телевизија. Се било, велат, „многу добро“, а ноќта поминала во „пријатна атмосфера“.
Данските медиуми објавија дека на клиентите и вработените на „ИКЕА“ на „журката со пижами“ им се придружиле и вработените од блиската продавница за играчки кои, исто така, биле „заглавени“ поради лошото време.
„Многу е подобро тука, отколку да спиете во автомобил. Беше пријатно и топло и многу сме среќни што ни дозволија да преноќиме“, изјави шефицата на продавницата за играчки, Мишел Барет.
„Целата сотуација беше забавна и смешна за нас бидејќи знаевме дека веројатно никогаш повеќе нема да доживееме вакво нешто“, рече Берет.