Собранието денеска ќе ја одржи втората седница на која на дневен ред е Предлог-одлуката за утврдување на бројот на потпретседатели. Пред седницата се очекува да биде констатирана оставката на пратеникот Фљорин Бесими, брат на Фатмир Бесими од ДУИ, предлогот за министер за финансии. Тој пред неколку дена преку соопштение најави повлекување од пратеничката функција, по реакцијата на Антикорупциската комисија.Можно е до пред почетокот на седницата оставки да пристигнат и од други пратеници за кои е најавено дека ќе бидат дел од новата Влада.
Претседателот на Собранието Талат Џафери предлага законодавниот дом да има петмина потпретседатели. Во образложението на предлогот, Џафери повикувајќи се на Деловникот и на Законот за Собрание наведува дека „бројот на потпретседателите го утврдува Собранието, по предлог на претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието“.
Потпретседатели на Собранието се очекува да имаат СДСМ, опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива…
Засега се уште официјално не се соопштуваат информации која парламентарна партија ќе добие потпретседателско место во Собранието. На денешната седница, пратениците само ќе гласаат за Предлог-одлуката, а потпретседатели на Собранието ќе бидат избрани на друга седница.
Новата Влада ќе има 19 министри, наместо досегашните 26.
СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.
Покрај Заев како премиер, членови на Вадата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа.
ДУИ во Владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. Министер за информатичко општество и администрација, како што објавија од ДУИ ќе биде Јетон Шаќири.
Владината коалиција што ќе ја сочинуваат СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собраните има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.