Рио Гранде некогаш беше граница помеѓу полициската потера во Тексас и слободата во Мексико. Тексашките ренџери не им можеле ништо на бегалците кои ќе ја преминеле реката. Но, времето на Дивиот запад одамна помина… Ќе помине, знам, и времето на Унгарија. Таа нема да е уште многу долго „ветена земја“ за поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
Сепак, дефиницијата за бегство остана иста. И некогаш и сега, бегството е бегство, тоа е обид да се скриете од други луѓе и од правдата.
Во светот на своите фантазии врз основа на ледената тишина која го опкружува во Будимпешта, одметнатиот Груевски се чини дека се потпира на апсурдната можност изборите во април да ги добие ВМРО-ДПМНЕ и тие да бидат плебисцит кој би можел да легализира уште еден чекор наназад на патот да стасаме онаму каде што ни е местото, во ЕУ, чекор што ќе зачи негово враќање во државава и запоседнување на тронот во „Илинденска“ број 2.
Талкајќи по пештанските коридори Груевски се обидува, подигнувајќи врева на политички терен на македонско тло, да ја закамуфлира правната одговорност…
Пред изборите тој, „поткован со аргументи“, повикува на „обединет фронт“ против СДСМ за, како што смета, да продолжела борбата за „независност“.
Кога ќе го ставам на кантар она што го направи владата на Зоран Заев од една и она што го направи неговата, во нејзиниот единаесетгодишен мандат, знам каков ќе биде резултатот.
Туку, ајде, нека му биде… нека се надева.
Нека се надева дека деценискиот грабеж сторен од луѓето кои сеуште високо котираат во ВМРО-ДПМНЕ е заборавен, дека никој, ама баш никој не се сеќава на најмасовното прислушкување и кршењето на човековите права и слободи на секој чекор, направено од нему блиски соработници, заради што се најдовме барабар со Никарагва, Сомалија и Брегот на слоновата коска, дека божем не знаеме оти актерите на „новелата“ со наслов „27 април“, во која дејството се случува во релативно краток временски период и на релативно ограничен простор, во македонското Собрание, се негови потчинети, дека го загубивме разумот и сега не знаеме што се случуваше со оние што не беа „на негова страна“…
Ерата на „груевизмот“, најсрамниот и наjтешкиот период низ кој помина ашата држава од независноста до денес, и стотиците злодела од тоа време, знам дека и овој пат ќе го одлучат победникот на престојните предвремени парламентарни избори.
Најгласниот пропагандист и лицемер за заштита на македонските национални интереси и македонскиот јазик, кој во свое време апсеше, затвораше и тепаше новинари, и стотици други лица низ монтирани случаи однесе во затвор, остави цела плејада поранешни министри и градоначалници од неговата тајфа, секој ден да денгубат по судови.
Нека се надева, де, дека и на ова не ни текнува.
Туку, да ви кажам во доверба, деновиве проверив, ништо не му оди на рака за да му се реализира планот. Хороскопот не е на негова страна.
Дури и соновникот не му е „по мерка“. А, значењето на сонот може да биде едноставно, базирајќи се на тоа што сте правеле, дали сте бегале од некој или можеби сте гледале акционен филм.
Еве што најдов, откако дознав што тој најповеќе сонува и што му остава силен впечаток…
Во соновникот се вели дека кога мажите сонуваат бегање, тоа предупредува на предавство на соработниците. Морате да пазите кому му давате доверба и да научите некои работи да ги задржите само за себе… Ќе ви биде тешко да ја прифатите неочекуваната вистина…
Во сонот, на пример, ако ве прогонува полицијата тоа значи дека совеста не ви е мирна. Постои значење во кое себе си претерано се обвинувате за нешто…
Соништата во кои бегате од дома и од родителите значи дека живеете во лажно уверување дека сте во право за некој проблем, а не сте. Би требало да ги преиспитате и прифатите фактите на кои ви укажуваат познајници, членови на семејството или пријатели.
А, пак, кога во сон бегате од маса луѓе тоа укажува на длабоко всадени комплекси.
Меѓу вашите пријатели владее мислење дека сте несамостојна личност потполно неспособна да се грижи за себе…
Сонува, дознав неофицијално, и духови, а сонот во кој бегате од духови симболизира чувство на вина затоа што сте повредиле лице кое ви верувало. Вашите постапки или зборови направени или изречени направиле голема штета. Морате многу да се докажувате за повторно да ја стекнете довербата и наклонетоста на тоа лице.
Знаете ли дека, на пример, ако сонувате дека бегате од поплава тоа укажува на многу позитивни исходи од вашата работа. Доколку во сонот бегате од торнадо тоа значи дека ќе имате доволно сила да се „издигнете од дното“, дека ќе доживеете некој разорен потрес во животот, но дека од тоа ќе излезете многу посилен од кога и да е. Човек ни сам нема да може да си поверува што му се случува. Ќе ви треба време да си дојдете на себе и ќе сфатите дека поговорката „што нема да те убие, ќе те направи силен“ не е само фраза, туку е „жива“ вистина.
А, кога во сонот бегате од лава тоа значи дека пред вас е еден исклучително мирен период. Конечно ќе дочекате се да ви е потаман и да уживате во друштво на луѓе кои многу ги сакате. Тоа ќе ви помогне да ги „наполните батериите“ и подготвено да дочекате некои идни предизвици.
Само што овие три работи никако да му дојдат на Груевски на сон.
Туку, господине Груевски, сакам да ви порачам нешто… Кога веќе не ја прифативте мојата покана да ми бидете гостин на промоцијата на англиската верзија на мојата книга „Живот во кутија“ што ја направив среде Будимпершта, тогаш, со оглед на фактот дека сте слободен граѓанин, ве поканувам на мојот настап во Германија, кон крајот на февруари.
Дојдете ќе се изнаприкажеме за се од ред, за Македонија… За владеењето на правото, за слободата на говор, за политиката воопшто. За тоа како беше, како е сега и како треба да биде. Еве шанса да ги судриме аргуметите. Моите наспрема вашите, или вашите наспрема моите, сеедно како сакате. Патем ќе ве запознаам со многу фини луѓе, големи авторитети.
Белким нема и сега да ме одбиете.