„7 Мај – Денот на полицијата претставува симбол на пожртвуваноста, одговорноста, храброста, моралот – карактеристики што треба да ги развива секој поединец кој положил заклетва пред сината униформа“, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во честитката до полициски службеници, вработени во МВР,
по повод Денот на полицијата.
Пожртвуваност, вели Спасовски во честитката, затоа што полициските службеници се обврзуваат да ги ставаат безбедноста и благосостојбата на другите пред сопствените, затоа што секогаш треба да се во првите редови за подобар, посигурен и побезбеден живот на сите граѓаните на Македонија, чувари на јавниот ред и мир и градењето на државата.
„Особено во текот на изминатава година, ситуацијата дополнително беше комплицирана поради пандемијата со која се соочи светот, па должноста за заштита на здравјето, животот и имотот на нашите граѓани стана непроменлив указ за полициските службеници, наведе министерот.
Одговорност, нагласува Спасовски, затоа што во ваши раце се неселективната борба против криминал и корупција и бескомпромисно владеење на законите.
„Нашата заедничка цел е нулта толеранција за корупцијата, нулта толеранција за сите кои ќе го прекршат законот, без исклучок! А јас цврсто верувам дека нашата цел е на дофат на раката со воспоставување на концептот на партнерство помеѓу граѓаните и
полицијата. Оваа меѓусебна врска ќе стане уште посилна со континуирано зајакнување системот на соработка со граѓаните, со цел идентификување, демистифицирање и спречување, односно превенирање на криминогените појави на кои не може да остане имун современиот свет, вели Спасовски.
Меѓу другото, тој се осврна и на оние кои вршејќи ја својата должност ги загубија животите.
„На овој посебен ден не може да не помислиме на оние наши колеги, на оние храбри срца што ги нема денеска во нашите редови – нивната храброст и нивната жртва никогаш нема да бидат заборавени, а она што ни го оставија во наследство и споменот за нив, претставуваат инспирација за секој граѓанин, за нашите млади колеги кои за првпат ќе ја облечат работната униформа, инспирација за иднината на нашата земја – за нашите деца, напиша Спасовски во честитката.