Претседателот на српската влада, Александар Вучиќ, изјави дека Владата одлучила да ги поништи правните последици од сите акти и дејствија на Приштина кои се однесуваат на Рударско-металуршкиот комбинат „Трепча“.
Тој на конференција за новинарите рече дека Владата на денешната седница „во најголем дел“ го прифатила предлогот на својата Канцеларија за Косово и Метохија и донела „одлука за поништување на сите правни акти и работи на привремените институции во Приштина, а се однесуваат за Трепча“.
Вучиќ, патем, додаде дека „Трепча“ е од витално значење за опстанокот на северот на Косово и дека не разбира зошто Албанците го сториле тоа и што сакаат со тоа да направат.
Собранието на Косово ноќта меѓу петокот и саботата го усвои Законот за „Трепча“ според кој Владата на Косово е сопственик на 80 проценти од комбинатот.