Европската перспектива на земјата, реформската агенда и справувањето со корона вирусот беа главни теми на денешните средби на претседателот Стево Пендаровски со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Жозеп Борел и со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли во Брисел.
На средбата со Борел, Пендаровски истакна дека во изминатиов период Македонија покажа политичка зрелост и максимален фокус во остварувањето на нејзината европска перспектива. Нагласувајќи дека интеграцијата на Македонија е во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион, Пендаровски посочил дека е неопходно Унијата дополнително да ја динамизира својата улога, што ќе се одрази позитивно врз севкупните политички процеси, реформската агенда, како и генерално, врз оптимизмот во општествата на земјите од Западен Балкан.
Борел и Пендаровски разговараа и за состојбите во Унијата и кај нас, поврзани со справувањето со Ковид-19 како и на процесот на имунизација. Во тој контекст, Пендаровски ја поздрави солидарноста на ЕУ и заблагодарувајќи се за целокупната поддршка и помош во справувањето со пандемијата, изразил очекување дека до крајот на август, ќе пристигнат и вакцините коишто Македонија треба да ги добие преку механизмите во рамки на Унијата.
На средбата со Сасоли биле разменети мислења и информации за напредокот на Македонија во клучните реформски области во контекст на евроинтеграцискиот процес, како и за актуелните предизвици наметнати од пандемијата на корона вирусот.
Двајцата соговорници ја нагласија исклучително важната континуирана комуникација на нашите институции со Европскиот Парламент со што се воспоставуваат цврсти основи за значителен напредок во спроведувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и процесот на интеграција и пристапување во Унијата.
Изразувајќи задоволство од силната и принципиелна поддршка на ЕП во таа насока, Пендаровски потенцираше дека усвојувањето на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција во најскоро време, е наш клучен приоритет.