Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со ко-претседавачот на Европскиот совет за надворешни односи, поранешен премиер на Шведска и шеф на дипломатијата, Карл Билт.
На средбата било констатирано дека демократските процеси се неопходни за напредокот на Република Македонија и дека мора да се овозможат низ почитување на Уставот и законите од страна на сите политички субјекти и институции во државата.
„Парламентарното мнозинство ја презема обврската да го деблокира демократскиот процес во Парламентот согласно Деловникот, Уставот и законите. Ќе биде брзо избран новиот претседател на Собранието, а потоа и новата реформска Влада. Тоа е одлука на мнозинството граѓани, изразена на кредибилни избори и сите институции во државата се должни да обезбедат мирен трансфер на власта“, посочил Заев.
Тој нагласил дека се недозволиви какви било тензии и насилства што се противуставно дело на штета на државните интереси и дека секој кој би се впуштил во такви активности ќе мора да понесе одговорност.
Претседателот на СДСМ објаснил дека било формирано парламентарното мнозинство од 67 пратеници и дека во најава била поддршка на новата Влада од 69 пратеници.
Заев, ме=у другото, истакнал и тоа дека програма на новата реформска Влада на унитарна Македонија обезбедувала правда и економски перспективи за сите граѓани и евро-атлантска иднина на Македонија, и дека Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ немаат право поради страв од соочување со правдата да ја загрозуваат егзистенцијата на граѓаните и стабилноста на државата.
На средбата се разговарало и за недозволивите притисоци што ги прави власта во заминување врз невладнините организации, за опасноста од блокада на целиот систем на државата ако не се избере нов собраниски претседател кој треба да ги закаже локалните избори, како и за последиците што ги трпат граѓаните и фирмите на економски план.