Францускиот претседател Емануел Макрон понуди да организира самит меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Џо Бајден. Руската и американската страна ја прифатија понудата, се наведува во соопштението на Елисејската палата.
На самитот, освен Бајден и Путин, ќе присуствуваат и другите засегнати страни за безбедноста и стратешката стабилност во Европа.
Официјален Париз истакнува дека состанокот може да се одржи само доколку „Русија не ја нападне Украина“. Истовремено, Москва категорично ги отфрлува обвинувањата дека планира напад врз соседната земја.
Агендата на самитот ќе ја подготват американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на средбата на 24 февруари, додаваат од Елисејската палата.
Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки ја потврди информацијата од Париз.
„Претседателот Бајден начелно се согласи да се сретне со претседателот Путин повторно, ако нема инвазија“, рече таа.
Од Запад и понатаму пристигнуваат тврдења дека Русија наводно подготвува провокации во Украина и покрај враќањето на руските трупи во базите после големите воени вежби.
Министерот за одбрана на Руската Федерација, Сергеј Шојгу, на средбата со Путин на 14 февруари, соопшти дека „дел од вежбите се привршуваат, додека некои ќе бидат завршени во блиска иднина“.
Следниот ден, портпаролот на Министерството за одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков, изјави дека Јужниот и Западниот воен округ почнале да ги враќаат воените единици на терен.
Западни официјални лица и медиуми во последните денови на Москва ѝ ја припишуваат ескалацијата на ситуацијата околу Украина, што Кремљ категорично го демантира, нагласувајќи дека никој не е загрозен.
(Фото: АП)