Европскиот суд за човекови права во Стразбур во случајот „Селмани и другите против Република Македонија“ едногласно, со седум гласови „за“, утврди дека со бркањето на медиумите од собраниската галерија за време на дебатата за Буџетот не само што е прекршена слободата на изразување, туку и правото на фер судење на новинарите.
Судот најде повреди на членовите 10 и 6, кои се однесуваат на слободата на изразување од Европската конвенција за човековите права и за фер судење од Уставниот суд на Република Македонија.
За Здружението на новинари на Македонија ова е „победа на правдата над државата“ и оти правдата е спора, но стасува.
Европскиот суд одлучи во корист на новинарите Насер Селмани, Наташа Стојановска, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Богдановска и Тони Ангеловски, кои физички беа отстранети од собраниската седница за време на носењето на буџетот на 24 декември 2012 година.
„Владата не успеа да го увери Судот дека било неопходно или оправдано отстранувањето на апликантите (новинарите кои ја поднеле жалбата) од галеријата на парламентот. Конкретно, не постоела индикација дека имало каква било опасност од протестите кои се одржувале пред зградата на парламентот на денот на инцидентот, од апликантите (кои ниту учествувале ниту придонесувале за нередите во салата), ниту од пратениците кои го направиле нередот. Судот не е убеден ниту дека апликантите можеле ефикасно да го гледаат отстранувањето на пратениците кое се вршело во тие моменти, нешто што било од легитимно јавно значење“, стои во одлуката.
„Дополнително, случајот на апликантите пред Уставниот суд не вклучувал ексклузивно правни моменти, туку и моменти на факти кои биле оспорени и кои биле релевантни за исходот на случајот. Апликантите имале право на усно сослушување. Сепак, покрај нивното барање, Уставниот суд не одржал усно сослушување на нивниот случај без да обезбеди причина зошто тоа не било неопходно“, се наведува исто така во соопштението на Судот за човекови права во Стразбур.
Здружението на новинарите на Македонија ја поздрави одлуката на Европскиот суд за човекови права.
Оваа пресуда е прва со која се утврдува повредата на слободата на изразување и е многу важна за демократијата и владеењето на правото во земјава. Истовремено, пресудата е и победа на новинарската заедница која покажа дека за правда секогаш вреди да се бориме. Правдата можеби е спора, но секогаш победува“, Здружението на новинарите на Македонија
Според ЗНМ, пресудата придонесува во Македонија да се создаде правна култура и да се афирмира принципот на почитување на основните човекови права и слободи. Оваа пресуда претставува доказ дека институциите потфрлија во исполнување на својата основна задача да ги штитат и промовираат човековите права, се додава во соопштението.
Уставниот суд на седницата одржана на 17 април 2014 година ги одби двете барања за заштита на слободите и правата поднесени од шест новинари и од ЗНМ. Судот процени дека физичкото отстранување на новинарите од галеријата настанало поради конкретна ситуација на ескалација на хаос и безредие, а целта била да се заштитат новинарите и да се обезбеди ред во салата. Барањето на ЗНМ, судот го одби од процедурални причини, затоа што подносител може да биде само физичко лице. На ваквиот став, во тоа време се спротивстави уставната судијка Наташа Габер Дамјановска, која сметаше дека има место за интервенција, бидејќи се направени сериозни повреди. За таа цел таа напиша и издвоено мислење.
Наташа Габер Дамјановска, уставен судија: Судот донесе фер и правилна одлука
Навистина ми е драго што Европскиот суд за човекови права донесе правилна и фер одлука и што притоа го зеде предвид и моето издвоено мислење. Констатирана е повреда на член 6 (право на правична судска постапка) и на член 10 (слобода на изразување) од Конвенцијата.
Јас и денес цврсто верувам дека, со оглед на важноста на предметот, Уставниот суд мораше да обезбеди одржување на јавна расправа (според член 55 од Деловникот на Судот) и дека слободата на изразувањето гледано низ призмата на круцијалната улога која медиумите ја имаат за нејзино оживотворување беше повредена при тој настан.
Медиумите, како неприкосновени пренесувачи на важните информации кон граѓаните, во овој случај околу судбината на буџетот кој крајно ги засега сите нив и за што мораше да се поттикне јавна демократска дебата, беа ускратени во вршењето на оваа нивна општествена улога. Сепак, радува фактот дека преку инструментите на меѓународното право, загарантираните човекови права финално успеваат да обезбедат своја доследна заштита.
СДСМ ја поздрави одлуката на Судот во Стразбур
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во соопштението во врска со пресудата на Судот во Стразбур за случајот „Селмани и останати против Република Македонија“ наведува дека на 24 декември 2012 владата извршила грубо прекршување на законите и Уставот на Република Македонија.
Според СДСМ, ваквиот епилог во Европскиот суд за човекови права, е доказ дека правдата е бавна, но сепак достижна.
Пресудата која е донесена е уште еден меѓународен пораз за Република Македонија, но и за Уставниот суд на РМ кој го одби барањето на новинарите за заштита на слободите и правата на новинарите“, Социјалдемократски сојуз на Македонија.
„24 декември ќе остане запишан како најцрниот датум во македонската современа историја, како ден кога се погазија сите човекови права и слободи“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ потенцираат дека секој кој го прекшил законот ќе мора да одговара без разлика дали бил нарачател или извршител на кривично дело.