Повеќе од 95 луѓе утринава загинаа на северот на Индија кога 14 вагони од патничкиот воз излетале од шините.
Во несреќата која се случила нешто после три часот наутро близу градот Канпур во индиската држава Утар Прадеш, повредени се повеќе од 150 луѓе, од нив 40 потешко, а стотина патници останаа заробени во искршените вагони кои се превртеа кога возот излетал од колосекот.
Спасувачите ги сечат вагоните и се обидуваат да стигнат до најоштетените вагони за да ги спасат повредените и да ги извлечат телата на настраданите.
Генералниот директор на полицијата Далџит Чаудари изјави дека бројот на загинати веројатно ќе биде поголем.
Повеќе од 40 луѓе се со исклучително тешки повреди, рекол Чаудари додавајќи дека се пренесени во болницата во Канпур, а дека неколку медицински екипи пружаат помош на лице место.
Сеуште не се утврдени причините за несреќата.
Канпур е голема железничка раскрсница низ која дневно поминуваат стотици возови.
Околу 23 милиони патници во Индија патуваат со воз секој ден.
Во Индија се многу чести несреќите на железничката мрежа, која е една од најголемите во светот, но без модерни системи за сигнализација и комуникација.