Иако голем број автомобили од јапонски производители ни крстарат по улиците, за автопазарот во оваа земја на Далечниот исток малку знаеме.
Какви се возачките навики, вкусови… Што сакаат јапонците?
Барем дел од одговорите ги добиваме врз основа на нивниот, традиционален избор за автомобили на годината.
Јапонските новинари, автомобилските експерти и рели-возачи, за најдобар автомобил во оваа земја го прогласија „субару импреца’, кој во финалето ги помина „тојота приус“ и „ауди А4“.
Дали јапонските новинари се пристрасни, колку се објективни тешко е да се каже.
Минатата година, исто така, прогласија автомобил на годината возило кое е направено во таа земја – „мазда МХ5“, но, рака на срце, тој автомобил нешто подоцна, во јануари, прогласен е за автомобил број еден во светот.
Последен пат европски автомобил беше прогласен за „светски“ во изборот 2013-2014 година, кога титулата му припадна на „фолксваген голф“ од седмата генерација.
„Субару“ последен пат имаше носител на оваа престижна јапонска автомобилска титула уште далечната 2003 година, кога „субару легаси“ беше прогласен за автомобил на годината.
Инаку, во овој јапонски избор учествуваа автомобили кои се појавија на пазарот во периодот од 1 ноември 2015 до 31 октомври 2016 година.
Покрај трите првопласирани модели, во потесниот круг за избор беа „волво ХЦ90“, „мерцедес“ Е класа, „фијат абарт 124 спајдер“, „јагуар ф-пејс“, „хонда фрид“, „нисан серена“ и БМВ М2.
Речиси сите овие автомобили, освен „нисан серена“ и „хонда фрид“, се наоѓаат во потесен избор за автомобил на годината во Европа и светот, што значи дека во суштина и нема преголеми разлики во вкусовите и навиките меѓу европските и јапонските возачи.