Талибанските бунтовници почнаа офанзива на Кабул, опколувајќи ја авганистанската престолнина, објави Министерството за внатрешни работи на таа земја. Милитантите ја имаат контролата над Универзитетот „Кабул“, кој се наоѓа на западот на главниот град.
Тројца авганистански официјални лица за АП изјавија дека Талибанците влегоа во предградијата Калакан, Карабаг и Пахман и веќе подигнале свои знамиња во тие подрачја и дека вработени во владините институции панично бегаат од градот.
Талибанците во своето соопштение тврдат дека не планираат на сила да го завземат Кабул.
„Ничиј живот, имот и достоинство нема да биде загрозено, а животите на жителите на Кабул нема да бидат изложени на ризик“, соопштија бунтовниците.
Телевизијата „Ал Арабија“ јавува дека Талибанците соопштиле дека на сите кои сакаат ќе им обезбедат можност да го напуштат Кабул.
Непосредно пред да влезат во Кабул, граничниот премин Торкхам кон Пакистан, последното упориште на авганистанската влада, им припадна на терористичката група. Така, сега, бунтовниците во свое владение ги имаат сите гранични премини во Авганистан.
„Не ги чепкајте Американците, ќе зажалите!“
Џозеф Бајден, претседател на САД
Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави вчера, доцна вечерта, дека делегацијата на Соединетите Американски Држави на преговорите во Доха на кои учествувале претставници на авганистанската влада и Талибанците им порачала на бунтовниците дека на секоја акција во која на кој било начин ќе се загрозат животите на американскиот персонал во амбасадата во Кабул ќе следи брз и силен воен одговор.
Тој рече дека континуираното присуство на војската на САД во Авганистан не би правело разлика, ако авганистанската војска „не ја одбрани својата земја“.
Во изјавата дадена по разговорите со официјални лица од Националната безбедност, Бајден напомена дека испратил 5.000 војници во Авганистан, за да овозможи безбедно повлекување на американскиот персонал и авганистанските сојузници кои им помагаа на припадниците на САД во текот на мисијата, како и за лицата кои се во „посебен ризик од Талибанците“.
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, разговараше со претседателот на Авганистан Ашраф Гани за потребата да се „вложи дипломатски и политички напор за да се намали насилството“, соопштија од Стејт департментот.
Почна евакуацијата на амбасадата на САД
И додека Талибанците напредуваат во освојувањето на престолнината на Авганистан, на снимките објавени на социјалните мрежи можат да се видат кадри од американски хеликоптери кои ги извлекуваат своите дипломатски претставници од амбасадата на САД во Кабул.
„Засега има помал број луѓе кои си одат, а повеќето од вработените се подготвени да си заминат. Сепак, амбасадата продолжува да функционира“, рече едно американско официјално лице кое не сакаше да го открие својот идентитет во изјава за Ројтерс.
Очигледно е дека евакуацијата ќе биде со зголемен интензитет, со оглед на тоа дека Талибанците го продолжуваат своето молњевито напредување кон центарот на Кабул.
На социјалните мрежи пред неколку часа се појави фотографија на која се гледа чад кој излегува од американската амбасада.
Според неофицијални информации, наведени во објавата, работниците на амбасадата на САД ги спалуваат документите пред евакуацијата.
Светските медиуми утринава потврдија дека силите на бунтовниците го освоија и градот Џалалабад во западниот дел на Авганистан, кој е административен центар на провинцијата Нангархар и еден од клучните центри за транспорт и трговија.