Авганистанските студентки ќе мораат да облекуваат долги црни фустани со никаб кој им го покрива лицето, а наставата ќе ја посетуваат во училници наменети само за девојки во склад со уредбата која ја издаде новиот талибански режим непосредно пред отварањето на приватните факултети во државата.
Студентките кои ќе ја посетуваат наставата мораат да ги напуштат предавањата пет минути пред машките колеги, се наведува во уредбата објавена вчера доцна попладнето.
Факултетот ќе мора да пронајде професорки кои ќе ги подучуваат студентките или постари машки професори, чии морални начела се проверени, стои понатаму во уредбата.
Кога Талибанците дојдоа на власт првпат, меѓу 1996 и 2001 година, студирањето им беше забрането речиси на сите девојки. Беше задолжително носењето на бурки, кои во целост ја прекриваа главата, лицето и телото, а со мржно платно беа прекриени и очите на жената.
Абаја, што ќе мораат да носат студентките на приватните факултети е широк и долг фустан кој го прекива телото. Никабот го прекрива лицето, а очите ги остава откриени.
Меѓународната заедница најнестрпливо ја чекаше реакцијата на Талибанците кога се во прашање правата на жените.
На жителите на Авганистан, како и на меѓународната заедница, сеуште им е во сеќавање бруталноста на исламистичкото движење кое од своето враќање на власт настојува да покаже поумерено лице.
Кога се во прашање одвоени предавања за девојки и момчиња, „ќе биде комплицирано сето тоа да се реализира во пракса“.
„Имено, ние немаме ниту доволно професорки ниту доволно предавални за да ги раздвоиме девојките од момчињата“, вели за АФП еден факултетски професор кој сакал да остане анонимен.
Сепак, додава дека „фактот што на девојките им дозволуваат да посетуваат настава и да одат на предавања на факултет, сам по себе е прилично значаен и позитивен“.
Пред враќањето на Талибанците на власт, авганистанските студентки можеа да посетуваат настава во мешани групи и да присуствуваат на настава што ја водеа професори.