Двајца познати руски шегобијци тврдат дека ја навеле поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел, на разговор за војната во Украина, откако вчера објавија делови од „средбата“.
Од нејзината канцеларија во Берлин потврдија дека Меркел, која ја напушти функцијата на крајот на 2021 година, навистина била контактирана.
„Можам да потврдам телефонски повик со повикувач кој се претставуваше како поранешен (украински) претседател Петро Порошенко“, изјави портпаролот на Меркел за новинската агенција ДПА.
Комичарите, кои се нарекуваат Вован и Лексус, познати се по тоа што ги мамат светските лидери и познати личности на разговори, притоа имитирајќи функционери во телефонските повици.
Се сметаат за блиски до владата на претседателот Владимир Путин.
Од Канцеларијата на Ангела Меркел во соопштението се наведува дека телефонскиот разговор се случил на 12 јануари и дека во него бил вклучен преведувач од службата на германското Министерство за надворешни работи.
Патем, ја информираат јавноста дека за сите детали од разговорот Меркел го информирала нивното МНР.
Меркел за време на нејзиниот мандат често имаше работа со Порошенко.
Порошенко (57) ја водеше Украина од 2014 до 2019 година, пред да биде наследен од актуелниот украински претседател Володимир Зеленски.
(Фото: АФП / Одд Андерсен)