Управниот суд денес ја прифати тужбата на СДСМ и одлучи да се повтори гласањето на избирачкото место 2011 во Општина Теарце, во изборната единица број шест.
Гласањето ќе биде во недела, на 25 декември.
Само два дена претходно, Државната изборна комисија донесе одлука дека на 11 декември не биле направени никакви нерегуларности заради што ја отфрли жалбата на СДСМ како неоснована.
Разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во шестата изборна единица е 307 гласа.
Толку гласови им недостасуваат на социјалдемократите за да освојат едно пратеничко место со што би се изедначиле пратеничките места, 50 за нив и 50 за ВМРО-ДПМНЕ.
Во Теарце, каде што в недела ќе се прегласува во избирачкиот список запишани се 714 гласачи.
На предвремените парламентарни избори на гласање излегоа 404 гласачи.
Од нив за ВМРО-ДПМНЕ гласале 91 гласач, 87 биле за СДСМ, Беса освоила 65, ДПА 64, Алијансата за Албанците 25, и коалициите „Промени и правда“ и „ВМРО за Македонија“ по еден.