Трговска компанија за апарати за домаќинство „Нептун Македонија“ е најголемата компанија според остварени приходи, меѓу компаниите членки на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Според публикацијата Топ 100 за 2016 што неодамна по шести пат ја издаде комората, во која се опфатени фирми што се во сопственост на бизнисмени Албанци во земјава, лоцирани во регионот каде што претежно е концентрирана албанската етничка заедница, во 2015 година за кога се правени анализите во публикацијата, Нептун имала вкупни приходи од 53,57 милиони евра, што е 21,5 отсто повеќе во однос на 2014-та.
Вкупниот приход на 100-те најголеми компании е 622,4 милиони евра, што претставува речиси 7 отсто од бруто домашниот производ на Република Македонија
По „Нептун Македонија“, на листата со најголем приход следат скопските компании „Гемак Трејд“ со 46 милиони евра, трговската фирма „Даути Комерц“ со 36,2, „Алма-М“ со 27,3 милиони евра…
Сите овие компании бележат раст на приходите во 2015, а најголем раст меѓу првите 10, од цели 44 отсто има фирмата „Киппер Маркет“ од Тетово.
Според извештајот на Комората на Северозападна Македонија првите десет компании остваруваат дури 42 отсто од вкупниот износ на годишниот обрт на стоте најголеми.
Најголем пораст на приходите во 2015-та има градежната фирма ЗСФ-КОМ, додека најголем пад на приходите има Импексел 2.
Според остварената чиста добивка за 2015-та, на прво место е повторно „Нептун Македонија“, со отприлика три милиони евра, што е двојно повеќе отколку во годината пред тоа. Следат „Бас Тути Фрути“ со 2,45, „Трим“ со 1,53, „Алма-М“ со 1,5, тетовски „Пофикс“ со 1,45 и „Универзал Комерц“ со 1,3 милиони евра.
Меѓу 100-те најголеми во едицијата на СКСЗМ најголем пораст на добивка има градежната компанија „Перпарими“, додека најголем пад забележала „Импексел 2“.
„Нептун Македонија“ е лидер и според бројот на вработени. Компанијата во 2015 имала 310 вработени. Следат „Даути комерц“ со 261, „Алма-М“ со 231, „Киппер Маркет“ со 150 итн.
Меѓу десетте компании со најголем број вработени се и „Дебарските бањи Цапа“, со 132 лица, „Еуропеан Плант“, со 108 лица и телевизија „Алсат-М“ со 108 вработени.
Стоте рангирани компании во извештајот на комората вработуваат вкупно 4.787 лица или 0,87 отсто од вкупниот број активно вработени во приватниот сектор во Македонија.