Трагедија за 27 мигранти кои се удавија во заледените води на Ла Манш, на „патот кон подобро утре“ од Франција кон Велика Британија, меѓу кои имаше и пет жени, од кои една е бремена, како и едно девојче, покажуваат сите итноста за решавање на горливото мигрантско прашање.
– Ќе побараме дополнителна мобилизација на Британците. Сите овие луѓе не сакаа азил во Франција. Мора да ја зајакнеме соработката со Белгија, Холандија, Германија, но и со Велика Британија – порача вчера францускиот претседател Макрон од Хрватска, каде беше во официјална посета.
Тој посочи дека француските сили на редот деноноќно се борат против илегалната имиграција, нагласувајќи дека од почетокот на годинава се спречени повеќе од две третини од премините, а спасени се 7.800 животи.
Од другата страна на Ла Манш, британскиот премиер Борис Џонсон истакна дека Британците имаат проблем да убедат дел од нивните партнери, особено Франција, „да реагираат на нивото кое го бара ситуацијата“. Лондон им предложи на француските заеднички полициски патроли по каналот Ла Манш. Џонсон испрати порака дека е време сите да се мобилизираат, да работат заедно и да направат се за да ги разоткријат шверцерските групи.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен, кој излегол на местото на настанот, изјави истата вечер дека четири лица се уапсени. Сепак, тешко е да се замисли дека тоа ќе биде доволно и дека ќе спречи илјадници кандидати за „подобро утре“ да се повлечат од францускиот брег. Феноменот, кој трае со години, бара заеднички одговор од целата ЕУ, па затоа Макрон побара од Европскиот совет да го реши ова прашање на краток рок. Европска меѓуресорска средба е закажана за в недела на Кале.
Многу мигранти сакаат да одат во Велика Британија, затоа што е потешко да се протераат од таму, како и затоа што им останува последна шанса, кога ќе бидат одбиени на територијата на ЕУ. Во последно време по илјада луѓе секојдневно пешачат по овој пат.
Францускиот синџир за продажба на спортски производи „Декатлон“ кон средината на овој месец ги повлече од продажба сите свои гумени чамци од продавниците на овој дел од брегот на Атлантикот, од Данкерк, преку Кале, до Туке, со цел да ги спречи мигрантите. од нивното користење за преминување на Ла Манш.
Но, чамците може да се купат насекаде, вклучително и преку Интернет, така што овој потег нема да ги спречи мигрантите да стигнат до англискиот брег.
ФОТО: ЕПА