Осум рудари загинаа утринава кога во рудник за јаглен кај Сокобања во Србија дојде до експлозија на метан и се урна дел од јамата.
Директорот на Здравствениот дом во Алексинац, Родољуб Живадиновиќ, за Радио Телевизија на Србија (РТС) изјави дека загинале осум рудари, а дваесетина се повредени, додавајќи дека станувало збор главно за полесни повреди.
Тој наведува дека нема информации уште колку рудари се заробени.
Како што јавува РТС, дел од јамата се урнал, а рударите останале заробени. Несреќата се случила околу 5 часот, а во рудникот „Соко“ се наоѓаат бројни екипи на Брзата помош.
Директорот на Општата болница во Алексинац, д-р Горан Видиќ истакна дека на терен се четири екипи од Здравствениот дом Алексинац, како и екипи од Заечар и Књажевац.
Тој наведува дека во Општата болница во Алексинац се згрижени 18 повредени рудари – 15 со полесни повреди, двајца со повреди на лактот и еден со сериска фрактура на пет ребра, но сите се надвор од животна опасност.
„Сите пациенти кои не се итни случаи и планираните операции се откажани, пациентите се пуштени дома, мобилизиравме и други одделенија. Во моментов немаме проблем со капацитетите“, додава Видиќ.
Тој посочи дека се во контакт со раководството на рудникот и дека 49 рудари биле на смена.
„Состојбата овде е тешка, има роднини, луѓето се вознемирени. Нам, за жал, ова не ни е прва несреќа. Алексинац и неговата околина се познати по тоа, тоа сега се повтори“, вели Видиќ.
Директорот на Универзитетскиот медицински центар Ниш, д-р Зоран Перишиќ за РТС изјави дека засега во таа здравствена установа се згрижени двајца рудари и двајцата со повреди на градниот кош.
„Имаме најава за пристигнување на поголема група – меѓу 20 и 30 повредени рудари, така што сите ќе бидат прегледани и најверојатно згрижени во Клиничкиот центар. Секој ќе ја добие најдобрата медицинска нега“, додаде Перишиќ.