Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ќе протера околу три милиони илегални мигранти, во интервју за американската телевизиска мрежа Си-Би-Ес (CBS) која емитуваше делови од неговата изјава дадена во петокот.
„Еве што ќе сториме. Сите оние кои се криминалци, имаат полициско досие, кои припаѓаат на некои банди, кои се шверцери на дрога, а верувам дека ги има два, а можеби и три милиони, ќе бидат вратени во своите земји или ќе бидат пратени во затвор. Ќе ги протераме од нашата држава затоа што тука престојуваат илегално“, рекол Трамп во емисијата „60 минути“.
Трамп, кој се врати на својата тврда линија од предизборната кампања, потврди дека сака да изгради ѕид на границата со Мексико за да го спречи илегалното преминување.
Новиот претседател на САД навел дека на одделни места на границата ќе биде подигната ограда, но дека ѕидот е „многу поприкладен“.