Тринаесет години затвор му одреди Судот на обвинетиот Насер Ештрефи во случајот со убиството на Ангел Петковски. Во казната се пресметува и времето кое обвинетиот го има поминато во притвор.
Судечкиот совет при изрекувањето на пресудата информира дека му било многу тешко да ја донесе оваа одлука, бидејќи се работи за два млади животи од кои едниот го загубил, а на другиот му бил прекинат со издржувањето на казната.
Убиството на Ангел Петковски се случи на 19 мај 2014 година, во населбата Ѓорче Петров. Инцидентот започна со кражба на велосипед од страна на Насер Ештрефи од скопско Грчец.
Обвинетиот Ештрефи, претходно, со одлука на Основниот кривичен суд Скопје, потврдена од скопска Апелација, беше осуден на 14-годишна затворска казна.
Одлуките ги укина Врховниот суд и судењето против обвинетиот Ештрефи беше вратено на повторно одлучување.
Во рамките на повторното одлучување, по седум години од убиството на Петковски, на 4 март оваа година, беше извршена реконструкција кај Очната клиника во Ѓорче Петров, по одлука на Основниот кривичен суд Скопје, а на барање на одбраната на обвинетиот.
Случајот го водеше судијката Диана Груевска-Илиевска, а застапник на обвинението беше јавниот обвинител Дарко Јакимовски.