Неодамнешната серија на удари на Појасот Газа имала за цел, според изјави на израелски официјални лица, да ја уништи тамошната мрежа на подземни тунели кои ги користат палестинските борци.
Повеќе од 160 авиони стрелаа на околу 150 подземни цели во северниот дел од Појасот Газа, за да го срушат подземниот коридор, колоквијално наречен „Метро“, и да ги уништат ударните сили и заповедниците на военото крило на Хамас.
Израелците пред нападот пласираа и лажна објава дека нивните копнени сили влегуваат во Газа, за да ги поттикнат милитантите во што поголем број да влезат во подземните скривници, пренесува Слободна Далмација.
„Тунелите на теророт“, како што ги нарекуваат израелците, им пружаат добар изговор за нападите на Газа, де факто огромен бегалски логор во којшто на 350 квадратни километри се сместени речиси два милиона луѓе.
За разлика од палестинските ракети кои оставаат јасен доказ за своето постоење, на новинарите им е прилично тешко да ги проверат тврдењата за некакви скриени подземни системи во Газа и нивната употреба во терористички намери.
Откако израелски ракети ќе срушат цивилни објекти и ќе убијат деца, не ретко се оправдувањата на воените официјални лица дека терористите токму под нив ископале тунели и со тоа ги претвориле во колатерални жртви на својот фанатизам.
Водачите на Хамас го потврдија во повеќе наврати постоењето на таквите тунели во интервјуата со западните новинари. Ги опишуваат како своја „иновација“ и инсистираат на тоа дека ги користат само во одбранбени цели.
Израелската војска ги водеше новинарите во обиколка на некои краци од овие тунели кои во изминативе осум дена додека траат воениве дејствија успеаја да ги освојат. Некои од снимките покажуваат дека станува збор за софистицирани градби со дебели бетонски ѕидови, со струја и со колички на шини за превоз на ракети и друго оружје.
За разлика од претходно нападнатите тунели, израелски официјални лица појаснија дека тие кои биле на мета во најновите удари не биле за тајни влезови или илегално напуштање на територијата на Газа, туку исклучиво за употреба внатре во палестинското подрачје.
Тунелите за првпат се појавија во Газа како одговор на израелската блокада наметната на овој простор откако Хамас во 2000-та ја презеде власта.
Во почетокот се користеле за криумчарење на стоки во енклавата и биле синоним за илегална трговија. Но, откако во 2006 година Хамас од тунел зароби израелски војник и притоа пет години го држеше во заложништво, „шверцерската“ перцепција за тунелот неповратно се менува.
Во војната во Газа во 2014 година Хамас објавуваше видеоснимки од маскирани војници кои носат автоматско оружје и рачни фрлачи и ползејќи се движат низ дупки во земјата.
Израелските заповедници од тогаш во своите извештаи се почесто споменуваат дека војниците им влегуваат во заседи или ги опколуваат борци кои „изникнуваат“ од невидливи јами.
Неколку пати израелските сили апселе припадници на Хамас кои во непосредна близина на тунелите ги демнеле војниците за да ги грабнат, опремени со лисици и средства за смирување.
Во текот на судирот во 2014 година уништени биле триесетина вакви тунели, но веќе тогаш Израел проценувал дека Арапите во Газа од 2007-ма изградиле повеќе од 1.300 тајни премини, вредни 1,25 милијарди долари.
Нивниот психолошки ефект на израелската страна е многу погубен, речиси како системот на подземните засолништа Виетконг на Американците во Виетнам.
Жерард де Грот, професор по историја на Универзитетот „Сент Ендруз“ вели дека овие тунели и во воено доминантни редови можат да предизвикаат необичен ужас и несигурност.
„Ви се чини како самиот Ѓавол да излегува од пеколот и да шири маки по Земјата“, сликовито објасни Грот.
Шефот на политичкото крило на Хамас, Исмаил Ханиех, тврдеше пред пет години дека во Газа располагаат со двојно повеќе тунели од комунистичките трупи во Виетнамската војна.
Тоа може да биде претерување, но сите кои го проучувале овој систем на подземни засолништа велат дека тој е исклучително комплексен.
Неодамна палестинскиот воен експерт Рами Абу Зубајдах од Египетскиот институт рече дека разговорите со борците откриле дека постојат разни категории на тунели: едни ги користат исклучиво за борба, другите за состаноци на водството на Хамас, а третите за складирање на ракети и друго вооружување.
Постојат и други помали тунели кои се користат за брз превоз, пренесе „Вашингтон пост“.
Израел измислил разни методи за дејствување против тунелите на Хамас, вклучувајќи и изградба на амбициозен подземен ѕид. Овој проект, наводно, дефинитивно е завршен во март оваа година, после повеќегодишни работи, но официјален Тел Авив упорно одбива да каже колку противтунелскиот ѕид е под земјината површина.
Говорејќи на маргините на конференцијата на Американско-израелскиот одбор во Вашингтон во 2018 година, израелски претставник кој води посебно одделение за подземно војување во израелската војска (ИДФ) им изјави на новинарите дека Израел усовршил и нови техники за лоцирање на подземни тунели, но одби да изнесе други детали.
Израел има неколку оружја способни за удари под земја, од кои многу се развиени со примарна цел да се таргетираат иранските планински „ракетни градови“ – џиновските фортификации длабоко под земја каде што крстаречки ракети и не ретко се произведуваат и можат да се лансираат од блиските лансирни рампи.