Дисциплинската комисија на Европската фудбалска унија (УЕФА) ја казни денеска Бугарија со еден натпревар пред празни трибини и парично со 85.000 евра поради расистичко однесување на навивачите на дуелот против Англија.
Како што е соопштено на сајтот на УЕФА, Бугарите следните две години ќе бидат под условна казна, и ако во случајно се повтори ваков инцидент автоматски ќе добијат уште еден натпревар суспензија.
Бугарските навивачи, се наведува во одлуката, ги навредувале англиските црномурести репрезентативци, а поединци користеле и нацистички поздрав.
После средбата Бугарија-Англија се крена прашина во јавноста, а претседателот на фудбалскиот сојуз Борислав Михајлов и селекторот Красимир Балаков поднесоа оставки.
Во меѓувреме поради инцидентот се уапсени 16 навивачи, а на четворица од нив судот им забрани влез на стадион од две години.
Бугарија пред празни трибини ќе ја дочека Чешка на 17 ноември.