Жанета Петровска учителка во училиштето во битолско Логоварди и Никола Субашевски, член на ОК ВМРО-ДПМНЕ од Битола, објавата на првичните, неофицијални, резултати од Државната изборна комисија за предвремените парламентарни избори ја прославија со крст на кој беше испишано името на лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.
Оваа морбидна фотографија направена среде Битола, на Широк сокак, предизвика згрозеност и бројни реакции на социјалните мрежи.
„Да носиш крст за жив човек, да посакуваш нечија смрт, да ја прославуваш, е најдолното ниво на човештвото. Нема подоле, мизерна учителке“, „Во 21 век да порачувате смрт со крст во раце, а сте просветно лице, е загрижувачко… и само уште една потврда кој добиваше вработување и за што“, „Страшно е некој да го направи ова, ама уште пострашно е кога тој некој е учителка…“, се само минорен дел од пораките што можат да се прочитаат под објавената фотографија.
За Жанета, сопруга на Стевче Петровски, директор во основното училиште „Тодор Ангелевски, нема да има казна. Ниту од директорката на училиштето каде што работи, ниту пак од Просветниот инспекторат во Битола.
Крстот, велат надлежните органи, Петровска не го носела во училиштето туку тоа го правела во „слободно време“.
Сега на ред се да се произнесат организациите кои се занимаваат со заштита на човековите права и правата на децата и Народниот правобранител.