Никола Саркози, самоуверениот државник кој од 2007 до 2012 година играше една од главните улоги на меѓународната сцена, позирајќи во најважните кадри со тогашните актери од светската политичка сцена, седеше во изминатите денови како послушен аматер меѓу седумте еднакви кандидати на десницата на предизборната аудиција.
Саркози не беше ни сенка од оној владеачки расположен претседател, кој на врвот на славата беше меѓу главните кројачи на највисоката политика на Франција, Европа и светот.
Очигледно не е предодреден за некоја подолготрајна ролја.
Првиот круг од внатрепартиското гласање на Републиканците за претседателскиот кандидат, ја спушти завесата на едночинката со бурев вовед и неславен крај на амбициозниот политичар.
Некогашниот шеф на државата го освои дури третото место на локалниот натпревар и не успеа да го завери влезот во вториот круг
Се на крајот се претвори во големо фијаско.
Мал настан за голем крај. Од катедра Саркози се пресели на клупа за резервни играчи.
Аналитичарите велат дека направил грешка што, со амблем на некогаш доминантна фигура, ослабен од лошиот имиџ и судските афери, воопшто се нафатил на оваа неизвесна премиерна политичка авантура во која, според познавачите на состојбите во Франција, партиското тело рамнодушно ја одбило неговата стратегија за враќање.
Увидувајќи ја вистинската состојба на теренот, некогаш многу моќниот Саркози порачал дека ќе се посвети на семејството и во понатамошната кандидатура му дал поддршка на поранешниот премиер Франсоа Фијон кој „го растури“ на партиските избори.