Новоизбраниот американски претседател на САД, Доналд Трамп, соопшти дека автомобилската компанија „Форд“ нема да го пресели производството на својот модел „линколн“ од САД во Мексико.
„Преку телефон се договорив со мојот пријател Бил Форд, директорот на „Форд“, кој ме информираше дека ќе го задржат производството на „линколн“ во Кентаки и дека нема да го префрли во Мексико“, напиша Трамп на својот твитер профил, пренесоа светските агенции.
Во својата фабрика во Кентаки, „Форд“ го произведува спортското возило „линколн МКЦ“, но и „форд ескејп СУВ“ и заради намалување на трошоците планираа да отворат погон во Мексико за овие модели.
Трамп често во текот на кампањата го критикуваше „Форд“ поради планираното префрлување на целокупното производство на мали автомобили од Северна Америка во Мексико, каде платите се за 80 отсто пониски отколку во САД.
Дури малку и се закануваше со најавата за воведување на данок на автомобилите на „Форд“ што ќе бидат донесени од Мексико во висина од 35 отсто.
Инаку, „Форд моторс“ во третиот квартал забележа пад на профитот за над 50 отсто, погоден од намалувањето на побарувачката на американскиот пазар и поголемите трошоци за својот главен модел- камионетот.
Нето добивката паднала на 957 милиони долари од 2,19 милијарди долари од истиот период минатата година, наведе „Форд“ во своето соопштение.
Овој пад е помал отколку што предвидоа аналитичарите.